Русија покрена постапка за излегување од Советот на Европа

Русија денеска одлучи да покрене постапка за излегување од Советот на Европа, обвинувајќи ги НАТО и Европската унија дека од Русија направиле инструмент во служба на „својата воено-политичка и економска експанзија“ на истокот, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

„Известувањето за излегување на Русија од организацијата е доставено денеска на генералната секретарка Марија Пејчиновиќ Буриќ“, се наведува од Министерството.

„Тие кои не натераа на тој чекор ќе ја сносат целата одговорност за уништување на заедничкиот хуманитарен и правен простор на континентот и последици ќе има целиот Совет на Европа, кој без Русија ќе изгуби статус на паневропска организација“, наведува руското министерство.

НАТО и ЕУ во таа организација гледаат само инструмент за идеолошка поддршка на своето воено-политичко и економско ширење кон исток и средство за наметнување поредок заснован на правилата кои на нив им се од корист“, се додава во соопштението.

Руското министерство ја обвини институцијата Совет на Европа, меѓу кои е Европскиот суд за човекови права дека врши притисок на Русија со тоа што се меша во внатрешните прашања на Москва.

Советот на Европа ден по руската инвазија на Украина на 24 февруари го суспендира учеството на Русија во дел од нејзините тела, со исклучок на Европскиот суд за човекови права.

Советот на Европа, како чувар на човековите права во Европа е основан во 1949 година и до сега ги обединуваше речиси сите држави на континентот, вкупно 47, вклучително и Русија од 1996 и Украина од 1995 година.