На летот Белград-Москва денеска повторно е пријавена експлозивна направа, трет пат во последните неколку дена.
Полициски екипи се на терен поради дојава за бомбата, потврдија за РТС во МВР.
Дојавата за наводната експлозивна направа во авионот на „Ер Србија“ на летот за главниот град на Русија пристигнала по е-меил од електронската адреса во Украина пред да полета авионот, односно додека сè уште бил на пистата, соопшти Еуроњус Србија.
Претходно, авионот на „Ер Србија“ на летот за Москва вчера се врати во Белград поради дојава за бомба и слета на аеродромот „Никола Тесла“, а припадниците на МВР безбедно ги евакуираа сите патници и членови на екипажот од авионот. Во авионот на „Ер Србија“ тогаш имало 125 патници и пет членови на екипажот, а извештајот за бомбата бил испратен по електронска пошта.
Дојава за експлозивна направа беше пријавена, за прв пат во петокот, но беше утврдено дека пријавата е лажна.
Ова е трет пат во последните неколку дена да се пријавува бомба на линијата кон главниот град на Русија.
МВР на Србија тогаш соопшти дека работи на идентификување и гонење на лицето кое испратило лажна пријава на електронската пошта на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград.