НАТО стравува од можен руски напад со хемиско оружје во Украина

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

НАТО е загрижено дека Русија се подготвува да изврши хемиски напад во Украина, изјави денеска генералниот секретар Јенс Столтенберг, пред состанокот на министрите за одбрана на Алијансата.

„Загрижени сме дека Москва би можела да организира операција под „лажно знаме“, која веројатно вклучува и хемиско оружје“, изјави шефот на НАТО пред новинарите, нарекувајќи ги „апсурдните тврдења“ од Русија дека Украина поседува лаборатории за биолошко оружје.

НАТО, рече тој, останува „многу внимателен“ за тој ризик и истакна дека Русија ќе „плати висока цена“ доколку изврши такво „прекршување на меѓународното право“.

Тој одби да „шпекулира за каков било воен одговор од страната на НАТО“ доколку се случи таков хемиски напад.

Столтенберг најави дека утрешниот состанок ќе опфати конкретни мерки за зајакнување безбедноста на подолг рок во сите домени поради како што рече, заканите по безбедноста од руската „бесмислена војна“.

„Ова би можело да вклучи значително повеќе сили во источниот дел на алијансата со поголема подготвеност и со поголема однапред поставена опрема“, рече тој потенцирајќи ги и зајакнатите сили на НАТО кои се веќе испратени во НАТО земјите што граничат со Украина.

На самитот на НАТО во Мадрид во јуни ќе бидат разгледувани долгорочните промени за Алијансата. Претседателите и премиерите на Европската унија, кои ги опфаќа повеќето членки на НАТО, треба да се сретнат во Брисел следните четврток и петок на самит фокусиран на руската војна во Украина.