Русинката што прекина вести со антивоена порака се појави на суд

Марина Овсијаникова

Русинката која го прекина преносот на вести во живо на руската државна телевизија се соочува со административно обвинение за организирање неодобрени јавни демонстрации, објави Новаја газета.

Весникот пишува дека демонстранката, Марина Овсијаникова ја брани адвокатот Антон Гашински, при што објави фотографија од неа со Гашински на Телеграм.

Претходно денеска, адвокатот Павел Чиков, изјави дека ја застапувал и не можел да ја лоцира откако била приведена од руските власти веднаш по нејзиниот протестен чин.

Овсијаникова вчера ненадејно се појави зад водителката на вестите на руската телевизија Канал 1, држејќи плакат на кој пишува „НЕ за војна. Запрете ја војната. Не верувајте во пропагандата. Ве лажат“, на руски јазик. Во кадарот беше неколку секунди пред да почне да се емитува друг извештај.

Административното обвинение со кое се соочува Овсијаникова е казниво со парична казна и казна затвор до 10, пренесува Новаја газета.

Не е јасно дали Овсијаникова ќе се соочи и со дополнителни обвиненија. Претходните извештаи покажаа дека таа би можела да биде обвинета според новиот закон што Путин го потпиша на 5 март, а кој предвидува казни до 15 години затвор за луѓето кои дистрибуираат „лажни вести“ за руската армија.

Путиновата војна дома за целосно едноумие за војната во Украина

Канцеларијата за човекови права на ОН ги повика руските власти да се погрижат Овсијаникова „да не се соочи со какви било репресии за користењето на своето право на слобода на изразување“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, нејзиниот протест го нарече „хулиганизам“. Украинскиот претседател Володимир Зеленски пак ја поздрави нејзината постапка и рече дека е „благодарен на оние Руси кои не престануваат да се обидуваат да ја пренесуваат вистината“.

Овсијаникова се идентификуваше како вработена во Канал 1 и зборуваше против војната во видеото снимено пред нејзиниот протест и објавено на интернет.

„Она што се случува сега е кривично дело“, рече таа. „Русија е земја агресор и Владимир Путин е единствено одговорен за таа агресија“.

Таа, исто така, ги повика Русите да излезат и да демонстрираат.

Критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, ја пофали Овсијаникова за нејзиниот пркос во текот на неговата последна изјава пред судот , во случајот за проневера и непочитување за кој вели дека е политички мотивиран.

„Ако мислите дека сум исплашен и дека можете да ги исплашите сите наоколу, вклучително и прекрасната Марина Овсијаникова, која не само што спроведе протестна акција, туку и сними видео и ни ги кажа моќните зборови дека мораме да дејствуваме, нема да може сите да ги ставите зад решетки“, рече Навални.

Протестот на Овсијаникова се одржа речиси три недели по војната што започна кога Путин нареди инвазија на Украина во она што рускиот претседател го нарече „специјална воена операција“.