Нов штрајк го прекина железничкиот сообраќај

Железничката станица во Скопје

Железничкиот сообраќај попладнево од 15 часот е во целосен прекин откако машинскиот и извршниот персонал го активираше бојкотот заради неисплатени материјални трошоци и прв дел од платата за минатиот месец. Како што најави Тони Димовски, претставник на машинскиот и извршниот персонал и претседател на Синдикатот на машиновозачи на Македонија, бојкотот ќе трае се до исполнување на барањата.

Поради неисплатени материјални трошоци машинскиот и извршниот персонал неколку часа ја блокираше работата и минатата недела во петок, но бојкотот беше прекинат по ветувањето што го добиле од раководството за исполнување на поставените барања.

Како што изјави претходно Димовски, новиот бојкот бил согласно одлуката што ја доставиле до раководството во ноември лани, а според која, доколку до 10-ти во месецот не им бидат исплатени материјалните трошоци за претходниот месец, ќе ја прекинат работата наредниот ден. Исто така, според одлуката, доколку до 25-ти во тековниот месец не им биде исплатена платата за претходниот месец во целост, наредниот ден ќе стапат во бојкот.

Од Железници Транспорт АД-Скопје, пак, преку соопштение информираа дека е започнат „незаконски штрајк од страна на машиновозачите и помошниците машиновозачи во ЖРСМ Транспорт АД-Скопје“ кој не е писмено најавен.

„Незаконитиот прекин на работа, односно штрајк, не е организиран согласно Законот за работни односи и Колективниот договор на ЖРСМ Транспорт АД-Скопје и не е предизвикан поради социјален момент или други услови со извршување на работните задачи, туку од лична корист на машиновозачите“, оценуваат од ЖРСМ Транспорт.

Тие информираа дека со почетокот на штрајкот не сообраќаат сите возови во патничкиот и товарниот сообраќај и најавија дека „дополнително ќе известат кои возови почнувајќи од утре не сообраќале во патничкиот и товарниот сообраќај, со име и презиме на машиновозачот и помошникот машиновозач кои требале да ги опслужуваат тие возови“. Велат и дека со целосниот прекин на железничкиот сообраќај се нанесуваат огромна штета и на железницата и на целото стопанство.

Според најавата на синдикатот, со бојкотот ќе бидат опфатени патничките возови според планираниот возен ред по 15 часот на релациите Скопје – Табановце и обратно (16.25), Скопје – Гевгелија (16.55) и Скопје – Велес (22.40), како и сообраќањата на планираните три товарни воза.