Адвокатот на антивоената демонстрантка која го прекина преносот на вести во живо на руската државна телевизија вели дека не успеал да ја лоцира својата клиентка која беше приведена од руските власти веднаш по нејзиниот протестен чин.
Павел Чиков на Твитер напиша дека Марина Овсијаникова „сè уште не е пронајдена“ откако беше притворена повеќе од 12 часа. Тој, исто така, рече дека првичната полициска истрага „не дава основа за притвор и затвор“.
Канцеларијата за човекови права на ОН ги повика руските власти да се погрижат Овсијаникова „да не се соочи со каква било одмазда за користењето на своето право на слобода на изразување“, пренесе британскиот Скај Њуз.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, нејзиниот протест го нарече „хулиганство“, но Овсијаникова беше поздравена од украинскиот претседател Володимир Зеленски поради пораката против руската инвазија на Украина.
Таа вчера ненадејно се појави зад водителката на вестите на рускиот Канал 1, држејќи плакат на кој пишува „НЕ за војна. Запрете ја војната. Не верувајте во пропагандата. Ве лажат“, на руски јазик.
Таа исто така извика „Запрете ја војната. Не за војна“, при што во кадарот беше неколку секунди пред каналот да се префрли на друг извештај.
Русија на 24 февруари започна воена инвазија врз нејзиниот сосед Украина, а во воените дејзтвија загинаа неколку стотици цивили, од кои стотина се деца. Од почетокот на инвазијата речиси 3 милиони лица ја напуштија земјата.