Непостоечка фирма во Скопје од 2018 до 2022 година добила деведесетина тендери за монтажа и сервисирање лифтови, главно од јавни институции со буџетски средства, откриваат од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Како што образложи Владимир Георгиев од ДКСК, ова се правело со фалсификувани документи, фалсификувани ИСО сертификати и потписи.
Тој посочи дека од ДКСК ќе биде доставена иницијатива за кривично гонење во Основното јавно обвинителство во Скопје, како и предупредување до Владата.
Од ДКСК велат дека не смеат да го објават името на фирмата, но изразуваат надеж дека обвинителството ќе постапи експресно за овој случај.
Откриваат дека фирмата била поврзана уште со две други фирми од Скопје, чија дејност е исто така монтажа, сервисирање и одржување лифтови, од причина што управителот на оваа фирма е вистински сопственик на двете други фирми. Предметот во Антикорупциска бил отворен по пријава за сомнеж за користење фалсификувани ИСО сертификати од стана на фирма за сервисирање, ремонт и монтирање лифтови, а со цел да се добие тендер во ЈЗУ Општа Градска болница во Скопје.
Георгиев појасни дека по објавата на тендерот Комисијата за јавни набавки во болницата ја проверила валидноста на ИСО сертификатите кај самиот издавач на сертификатите – фирма од Хрватска, од каде добиле одговор дека сертификатите се фалсификувани. Комисијата не ја прифатила понудата од наведената фирма, а непостоечката фирма вложила жалба до државната комисија за жалби по јавни набавки, од каде е одбиена како неоснована.
„Во електронската кореспонденција може да се констатира дека фалсификувањето на овие ИСО сертификати е направен така што физичко лице од земјава претставувајќи се како главен управител на фирма застапник на фирмата за сертифицирање од Хрватска, од свој домејн во врска со објавениот тендер, до електронските пошти до економскиот оператор што ги поднел фалсификуваните сертификати и до Комисијата за јавни набавки, доставил лажна информација дека овој непостоечеки трговски субјект е официјален застапник на хрватската фирма за сертифицирање“, појасни Георгиев.
Тој додаде дека и Антикорупциска контактирала со хрватската фирма од каде било потврдено дека сите ИСО сертификати за тендерот за Општата Градска болница биле фалсификувани. Во текот на работата, истакна Георгиев, постои системска слабост во системот за јавни набавки односно Комисијата за јавни набавки кај кој било државен орган нема обврска да ја проверува автентичноста односон валидноста на ИСО сертификатите.