Грковска: Меѓувладината група со Бугарија работи добро, има сигнали за одблокирање на процесот

Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска

Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска оцени дека соработката со колегите од Бугарија при работата во меѓувладината работна група за европска интеграција и зелени политики е одлична и се одвива во позитивна атмосфера, при што во разговорите се чувствува поинаква енергија отколку во изминатиот период.

Грковска информираше дека се очекува на некоја од наредните седници, министрите за правда на двете држави да разговараат за разменување искуства за унапредување на прашањата кои се од интерес за нашата држава.

„Сигналите од двете страни се позитивни и има расположение да се најде начин како да се одблокира процесот. Имајќи ја предвид политичката ситуација, војната во Украина и се надевам дека настаните во оваа смисла ќе го зголемат алертот на внимателност на чекорите кои политичките лидери ги преземаат“, посочи Грковска во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

Таа подвлече дека за бугарската страна е корисно искуството со формирањето и функционирањето на нашата Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и делот мерки кои се однесуваат на антикорупција.