САД со предупредување до Кина да не ѝ помага на Русија

Највисокиот дипломат на кинеската Комунистичка партија, Јанг Јиечи

Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан денеска во Рим се состана со највисокиот дипломат на кинеската Комунистичка партија, Јанг Јиечи и „ја изрази директно и многу јасно“ загриженоста за поддршката на Кина за Русија, рече портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.

Американскиот претседател Џо Бајден го испрати Саливан во Рим да се сретне со Јанг Јиечи поради загриженоста дека Пекинг ги засилува руските дезинформации и може да и помогне на Москва да ги избегне западните економски санкции.

Поддршката на Русија по инвазијата на Украина, ќе има импликации врз односите на Кина со САД и со сојузници и партнери во Европа и индо-пацифичкиот регион, рече Прајс на брифинг со новинарите.

Белата куќа во соопштението наведе дека Саливан и Јанг разговарале за низа прашања во билатералните односи, а имале и значителна дискусија за руската војна против Украина.

Пред разговорите, Саливан отворено ја предупреди Кина да не ѝ помага на Русија да ги избегнува санкциите.

„Нема да дозволиме тоа да продолжи“, рече Саливан.

Русија денеска негираше дека и потребна помош од Кина.