Шефот на ОН оцени дека нуклеарната војна се враќа во „сферата на можното“

Знак за опасност од радијација.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска алармираше поради тоа што Русија го подигна нивото на готовност на нуклеарните сили по нападот врз Украина, нарекувајќи го тој чекор „развој од кој смрзнуваат коските“.

Изгледите за нуклеарен конфликт, кој некогаш беше незамислив, сега се враќаат во доменот на можното, изјави Гутереш и го повтори својот повик за итен прекин на непријателствата.

Рускиот претседател Владимир Путин минатиот месец рече дека руските нуклеарни сили ќе бидат ставени во состојба на висока готовност со што ги зголеми стравувањата дека руската инвазија врз Украина може да доведе до нуклеарна војна.

Американски претставници рекоа дека не гледаат причина да го менуваат нивото на готовност на нуклеарните сили.

Русија и САД ги имаат убедливо најголемите нуклеарни арсенали по Студената војна која го делеше светот во втората половина на 20-тиот век на Западот против СССР и нејзините сојузници.