Во Тирана, пред владата, како и во други градови во Албанија денеска, шести ден по ред се одржаа протести против поскапувањето на горивата и продуктите во потрошувачката кошничка. Демонстрантите соопштија три барања до премиерот Еди Рама и предупредија дека доколку до сабота не се исполнат ќе бараат негова оставка.
„Првото барање се однесува на укинување на данокот на промет на нафтата и нафтените деривати, второто на привремено укинување на акцизата на горивата и третото се состои од донесување закон за егзистенцијален минимум. Утврдениот рок е до 18.03.2022 година. Доколку не се стори тоа, барањата се преточуваат во оставка на Рама и отворање на трката во Социјалистичката партија за нов премиер“, рекоа организаторите.
Според нив, „пакетот за социјален отпор што го донесе владата не е вистинската мерка“ бидејќи дел од населението е заобиколен, затоа ги повикаа граѓаните да се „обединат на секој плоштад“.
Најавија дека секој ден ќе се собираат во 17 часот а во сабота ќе организираат национален марш.
Протестите на граѓаните почнаа веднаш по поскапувањето на прехранбените производи и горивата.
Повици за „европеизација“ на Балканот поради војната во Украина
Пред три дена Националниот одбор за менаџирање со снабдувањето горивата, кој одлучува и за нивната цена, ја намали цената на нафтата од 260 на 217 лека за литар.