За време на летот од Белград до Москва стигнала дојава за бомба, по што авионот со 125 патници се враќа назад на белградскиот аеродром, ова за агенцијата Танјуг го потврдило Министерството за внатрешни работи на Србија.
Во авионот на националната авиокомпанија „Ер Србија“ имало 125 патници и пет членови на екипажот, а извештајот за бомбата е испратен по електронска пошта, јави Радио телевизија на Србија.
Истовремено, на сајтот Флајт радар беше објавена информација дека авионот на „Ер Србија“ ЈУ652, кој летал за Москва, од, како што велат, непознати причини се враќа во Белград.
Експлозивна направа беше пријавена и во петокот на 11-ти март, но било утврдено дека пријавата е лажна. Брзо по полетувањето на авионот на „Ер Србија“ за Москва, од белградскиот аеродром ја известиле полицијата дека добиле електронска пошта со известување дека во авионот била поставена експлозивна направа.
Авионот веднаш бил вратен во Белград, а патниците евакуирани. МВР на 11-ти март соопшти дека полицијата „работи на идентификување и гонење на лицето кое испратило лажна пријава на електронската пошта на белградскиот аеродром „Никола Тесла“.
Во моментот кога авиосообраќајот на повеќето европски земји со Русија е во прекин поради руската агресија врз Украина, авиокомпаниите од Србија се меѓу ретките кои сè уште летаат кон и од Русија.
„Ер Србија“ има осум неделни летови на линијата Белград - Москва - Белград, а лета на линијата до и од Санкт Петербург. На руските компании им пречи фактот што Србија е опкружена со земји кои им забранија на руските авиони да летаат над нивна територија.
Од друга страна, српската авиокомпанија може непречено да лета низ европските земји до Москва. Европската унија на 14 март повтори дека очекува Србија да се усогласи со европската надворешна политика, вклучително и санкциите наметнати на Русија поради војната во Украина. Србија е единствената земја од Западен Балкан и кандидат за членство во ЕУ која не воведе санкции кон Русија.