Сали: Оптимист сум за општата состојба кај нас, меѓутоа се уште не сум оптимист за мерките

Министерот за здравство Беким Сали

Серолошката анализа покажа дека 86 отсто од вакцинираните и 75 отсто од невакцинираните кои прележале ковид-19, имаат имунитет. Сите тие држави кои ги ослободија мерките имаа многу поголеми показатели. Оптимист сум за општата состојба кај нас, меѓутоа се уште не сум оптимист за мерките. Ова денеска го истакна министерот за здравство Беким Сали, кој рече дека, за жал, ние се уште сме на граница меѓу жолта и зелена зона.

„Се надевам дека оваа недела ќе испаднеме во зелена зона, меѓутоа дали ние сме подготвени да ги ослободиме мерките не сум сигурен и ќе треба да видиме што ќе одлучиме во среда на состанокот на Комисијата“, изјави Сали, одговарајќи на новинарски прашања по примопредавање нова опрема од социо-економскиот грант од јапонската Амбасада за Хируршките клиники.

Министерот додаде дека Комисијата за заштита од заразни болести постојано ја следи состојбата не само во државата, туку и во регионот и пошироко.

„Имаме четири држави кои ни се репер како први држави кои ослободија мерки. Денес таму забележуваме бумеранг враќање на првобитна состојба. Сите ние се согласуваме дека не би ризикувале да направиме таков потег со цел само да олесниме, а повторно да се вратиме на претходното. Оваа недела на состанок на Комисијата за заразни болести закажан за среда ќе видиме каква е епидемиолошка состојба во државата“, рече Сали.

Сали потенцираше дека здравството сега треба да се подготвува за пост-ковид фазата, за која ќе бидат потребни нови здравствени политики.

„Посакувам да бидеме во сигурна зелена зона за да бидеме слободни, па да отвораме повеќе термини за редовни контроли, интервенции итн. Ја најавувам фазата постковид за која ќе ни требаат други различни здравствени политики. Ковидот е еден голем предизвик, но имаме уште 30-тина други дијагнози кои се на работ на епидемии или евентуално пандемии и ќе треба да се справуваме“, изјави министерот за здравство.