Почина трудницата која минатата недела беше повредена во воздушниот напад врз породилиштето во украинскиот град Мариупол, заедно со нејзиното неродено дете. Жената била во породилното одделение на болницата кога руските сили го гранатирале објектот, а на фотографијата која го обиколи светот била сликана додека била пренесувана со брза помош на носилка.
Нејзината смрт ја потврди локалниот хирург Тимур Марин, објави АП, а на Фејсбук смртта ја потврди и новинар на Гласот на Америка како и фотографот кој ја направи фотографијата. Жената, чие име не се соопштува, била пренесена во друга болница по гранатирањето на породилиштето.
Хирургот Марин рече дека од експлозијата трудницата се здобила со скршеница на карлицата и повреди на бутот. Лекарите направиле царски рез, но детето не давало знаци на живот. Медицинскиот тим се обидел да ја реанимира, но не успеале да ја спасат.
Друга жена, Маријана Подурска, која исто така беше фотографирана за време на гранатирањето на породилиштето Мариупол, на 10-ти март роди девојче.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на 10 март потврди дека руската војска извршила воздушен напад врз болницата, додавајќи дека болницата „одамна била заземена од баталјонот Азов и други радикали“.
Баталјонот Азов е озлогласена милиција која одигра клучна улога во одбраната на Мариупол во првите денови од војната во источна Украина. Истата беше забранета од Фејсбук пред три години поради својата неонацистичка реторика, но подоцна беше формално инкорпорирана во официјалната Национална гарда.
Неколку часа по изјавата на Лавров, руското Министерство за одбрана соопшти дека руската армија не ја нападнала болницата. Украина и западните земји остро го осудија воздушниот напад на 9-ти март, во кој загинаа три лица, меѓу кои едно дете, а беа повредени околу дваесетина.