Австралија и Холандија со тужба против Русија за соборување на патничкиот авион над Украина

Илустрација, демонстранти со транспарент против рускиот претседател Владимир Путин по уривањето на патнички авион во 2014 година

Австралија и Холандија започнаа заедничка правна постапка во Меѓународната организација за цивилно воздухопловство против Русија поради соборувањето на летот МХ 17 на Малезија ерлајнс.

Во одделни изјави објавени денеска владите на двете земји тврдат дека Русија е одговорна според меѓународното право за ракетен напад што го урна патничкиот авион кој летал на линија Амстердам-Куала Лумпур над источна Украина на 17 јули 2014 година, при што загинаа сите 298 патници и членови на екипажот.

„Денешната заедничка акција на Австралија и Холандија е голем чекор напред во борбата на двете земји за вистина, правда и одговорност за овој ужасен чин на насилство, кој ги однесе животите на 298 жртви, од кои 38 беа државјани на Австралија“, се вели во владиното соопштение.

Судење за соборувањето на малезискиот авион во Украина

Холандската влада во своето соопштение истакна дека тековната неиспровоцирана инвазија на Русија на Украина не е поврзана со започнувањето на случајот, но додаде дека актуелните настани „ја нагласуваат виталната важност“ за обезбедување на правдата.

„Владата ќе продолжи да прави се што е во нејзина моќ за да ја повика Русија на одговорност за соборувањето на летот МХ17 и да го одржи меѓународниот правен поредок“, изјави холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хоекстра.

„Не можеме и нема да дозволиме смртта на 298 луѓе, вклучително и 196 холандски државјани, да остане без одговор“, додаде тој.

Какво руско оружје има во источна Украина

Русија негира давање воена помош за сепаратистичките сили во делови од источна Украина кои водат војна против Киев од април 2014 година. Повеќе од 13.200 луѓе се убиени во сепаратистичкиот конфликт во Крим.

Холандија протерува двајца наводни руски шпиони

Во 2016 година, меѓународен заеднички истражен тим утврди дека МХ17 бил соборен од противвоздушен систем Бук, кој бил донесен во Украина од Русија истиот ден и кој се вратил во Русија -- минус еден проектил, откако авионот се урна.

Од 2020 година, на четири лица - тројца Руси и еден Украинец - им се суди во отсуство во Холандија за нивната наводна улога во соборувањето на MH17. Холандските обвинители во декември побараа од судот да им изрече доживотни казни за сите обвинети.