Рашковски не се чувствува виновен, Русковска тврди ќе докаже дека ја злоупотребил функцијата за богатење

Денеска во судницата на Кривичниот суд се одржа рочиштетосо воведни излагања на обвинителите и обвинетите во предметот познат во јавноста како „Софтвери“ против поранешниот генерален секретар Драги Рашковски кому му се суди за злоупотреба на службена должност.

Шефицата на јавното обвинителство за организиран криминал и корупција која го води овој случај Вилма Русковска во своето обраќање до Судот посочи дека во текот на следните рочишта ќе покаже и докаже како Рашковски го злоупотребил системот. Тој според неа набавил два софтвера, кабини и камери кои нити биле потребни, нити требало да се спроведат. Таа истакна дека Рашковски додека течел процесот на набавка постојано го инфомирал управителот на фирмата „Инвока груп“ Даниел Станчев како и со колкава цена настапи на тендерот.

„Ќе го увериме судот дека Рашковски како генереланиот секретар на Владата нерационално, неекономично и непродуктивно ги трошел народните пари за набавка на кабини, софтвери и камери кои и по три години од набавката не се користат. Некои од нив не се наоѓаат нити во Владата. Ќе докажеме дека Рашковски ја злоупотребил фунцијата за свои цели“, изјави Русковска во својот воведен говор.

Таа додаде дека Рашковски е обвинет и за вработување на хонорарци кои не извршувале никакви задачи, а парите кои од државната сметка легнувале на нивната, му ги враќале на рака на Рашковски. Според истрагата, Рашковски со тие пари порано си ги исплатил кредитот.

Рашковски се изјасни за невин по обвиненијата, Тој заедно со останатите шестмина обвинети во Судот рекоа дека не се виновни за дејствијата кои им се ставаат на товар

„Ги разбирам зборовите во целост, ама семантични, право - не ги разбирам. Апсолутно немам никаква вина“, изјави Рашковски.

Одбраната на Рашковски изјави дека во текот на рочиштата ќе докаже дека набавениот систем е имплементиран и дека со тоа биле реализирани обврските кон фирмите.

На Рашковски ќе му се суди за набавката на софтверот

Рашковски, пак во своето воведно обраќање во Судот побара табла, телевизор, проектор и присуство на студенти кога ќе се изведуваат докази, затоа што тоа го предавал на Факултет. Тој истакна дека очекува интересно судење во кое се надева дека ќе ја докаже својата невиност.

Апелацискиот суд на 3 февруари му ја укина мерката куќен притвор на поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски кој е првообвинет во случајот „Софтвери“, откако судот ја прифатил понудената гаранција од Рашковски во износ од 192.980 евра која се состоела од ставање хипотека на недвижен имот.

Инаку, Рашковски и уште шест лица во случајот „Софтветри“ се обвинети дека ја злоупотребиле службената положба при спроведување на четири постапки за јавна набавка на систем за биометриска идентификација, софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и јавни набавки на камери и опрема за препознавање на регистарски таблички, според Основното јавно обвинителство.

Не е само софтверот за МВР, Владата ѝ исплатила на „Инвока“ околу 400 илјади евра

Во обвинението е наведено и дека Рашковски од јуни 2017 до мај 2021 пуштил во оптек пари, околу 87 илјади евра, за кои знаел дека се од кривично дело и тие пари ги распределувал на сопствените сметки и банкарски картички, како и на сметките на своето семејство, а исто така предвреме си ги исплатил и претходно земените кредити. Обвинетите го оштетиле буџетот за над 300 илјади евра.