Македонскиот премиер Димитар Ковачевски по денешната средба со еврокомесарот за надворешни работи и потпреседател на Европската Комисија Жозеп Борел апелираше за побрза интеграција на земјава и регионот во Европската Унија нагласувајќи дека тоа ќе ги спречи влијанијата од трети страни врз регионот, но и ќе придонесе за стабилност и развој на цела Европа. Тој изјави дека ЕУ и сите нејзини земји членки треба да делуваат стратегиски и храбро и да повикаат на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ.
„Брзата интеграција на С.Македонија и регионот ќе обезбеди стабилност, но и развој на Европа. Потребни ни се предвидливи, веродостојни, засилени и забрзани процеси на интеграција во ЕУ“, изјави Ковачевски на заедничката прес конференцијата.
Борел изјави дека целта на неговото патување не е да го подигне евроспектицизмот, и мисли дека моментот е сега, односно дека С. Македонија е подготвена за започне пристапни преговори со ЕУ и дека земјата е целосно усогласена со европските стандарди. Борел повтори дека местото на земјава е во ЕУ и оти Брисел прави сѐ што може преговорите да започнат на следната меѓувладина конференција.
„Местото на С Македонија е во европското семејство. Ветување? Не можам да ветам. Но, можам да ве уверам дека чиниме сѐ што можеме за пристапните преговори со Албанија и С Македонија да започнат на следната меѓувладина конференција затоа што тоа е приоритет за ЕК и но за мене. Се надевам дека ќе се разрешат билатералните прашања преку заемни прифатливи решенија“ изјави Борел.
Тој изјави дека ги разбира емоците на македонските граѓани и нивното разочарување.
„ Но, кога велам дека преговорите за пристапување на С. Македонија и Албанија соЕУ е висок приоритет и постојано проценуваме дека земјата е подготвена за пристапување, тоа не е реторичка изјава, тоа е цвста проценка и заложба, изјава за заложба дека тоа е приоритет. Реков и повторувам дека одлуките донесени од Владата на Северна Македонија уште повеќе ја поврзуваат со вредностите на ЕУ затоа што таа многу јасно ја искажа својата волја да оди по тој пат. Но постои проблем, и вие многу добро знаете кој е тој проблем, и се обидуваме да го решиме со сите наши капацитети“ вели Борел.
Ковачевски изјави дека денеска на средбата со Борел во детали разговарале за македонската посветеност на реформите и за напредокот во разговорите со бугарската влада. Во однос на самото отпочнувањето на преговорите ќе зависи од сите земји членки на ЕУ кои ќе дадат согласност на некој нареден состанок на ЕУ. Тој вели дека не се врзува за датуми, туку за цели и решение кое ќе биде прифатливо за двете страни во однос на отворените прашања со соседна Бугарија, кои ќе се базираат на задржување на достоинството на двете земји, по што би се одржала првата меѓувладина конференција со ЕУ.
Борел истакна дека Скопје е првата станица на неговата балканска турнеја и посочи дека е благодарен што С. Македонија се приклучила кон санкциите против Русија поради инвазијата врз Украина. Тој додаде дека состојбата со Украина е сериозно загрижувачка и очекува земјите соседи на Украина во наредниот период да пречекаат можеби и 4 до 5 милиони Украинци бегалци од војната. Во текот на овие 17 дена колку што трае војната 2,6 милиони Украинци избегаа од својот дом и од бомбите на руската армија, а тоа е најголемото движење на луѓе од Втората светска војна навака.
„Војната на Путин не е само за Украина. Се работи за непочитување на меѓународното право и приципите, се работи за безбедност и стабилност на европскиот континент. Случувањата во Украина не засега сите, во економски и политички термини ве засега вас, не засега нас и ЕУ. Ние мора да зборуваме и со идните земји членки на Унијата како што сте вие и мора да го кренеме гласот за да ставиме крај“ изјави Борел.
Тој се заблагодари на македонската влада за како што вели, јасниот став и осудување на руската агресија како и поддршката за Украина и украинскиот народ.
Борел на заедничката прес конференција соопшти дека министрите за надворешни работи на ЕУ наскоро ќе гласаат за нов четврт пакет на сакнции против Русија кој ќе го таргетира нејзиниот пристап до европскиот пазар, до криптовалути како и извоз на луксузни стоки и челичниот и енергетскиот сектор.