Пендаровски- Борел: Натамошна блокада на македонските пристапни преговори во ЕУ е неодржлива

Македонскиот претседател Стево Пендаровски во својот кабинет денеска се сретна со Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.

Претседателот Пендаровски ја оцени посетата на Високиот претставник Борел на Северна Македонија и на регионот како потврда за посветеноста и поддршката на ЕУ за Западниот Балкан, особено во светло на новата геополитичка реалност во Европа.

Борел на средби со државниот врв

Пендаровски изјави дека отпочнувањето на пристапни преговори за земјава е тест за кредибилитетот на Европската Унија, се вели во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.

„Со новите геополитички динамики, ние не зборуваме за забрзување на нашиот процес, имајќи предвид дека Северна Македонија и Албанија имаат одлука за започнување на пристапните преговори од Советот на Унијата уште од март 2020 година“, вели Пендаровски.

Тој повика на брза реализација на стратешките одлуки во однос на политиката на проширување. Северна Македонија која се докажа како кредибилен партнер на Европската Унија и нејзината натамошна блокада за отворање на пристапните преговори, заедно со Албанија, е неодржлива.

Дискутирајќи за руската воена инвазија на Украина и нејзиното влијание врз безбедноста на европскиот континент како целина, соговорниците ја реафирмираа потребата од итно стопирање на руските воени дејствија во Украина, враќање на поредокот на меѓународното право и што е можно поскоро целисходно зацелување од девастирачкиот напад врз Украина, се вели во соопштението.

Високиот претставник ја поздрави одлуката на земјава за приклучување кон санкциите на ЕУ за Русија, со што Северна Македонија целосно се придружува кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и пакетот санкции на Унијата, вклучително и пакетот мерки од 2014-та година.

На средбата се разговараше и за заклучоците од неодамнешниот Самит на лидерите на ЕУ во Версај, со акцент на процесот на евроинтегрирање со земјите од регионот, за што главниот збор го имаат земјите членки.