Ирански министер во Москва, нуклеарниот договор тема на разговори

Илусатрација, Иранска жена поминува покрај анти САД плакат на ѕидот на поранешната американска амбасада во Техеран

Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан утре ќе ја посети Москва каде ќе разговара за иранскиот нуклеарен договор со руските власти, соопшти иранското Министерство за надворешни работи.

Оваа најава за посета доаѓа на само неколку дена откако Франција, Велика Британија и Германија предупредија на ризик дека разговорите за речиси завршениот обновен нуклеарен договор може да пропаднат поради барањата на Русија да се гарантира нејзината трговија со Иран во услови на огромни санкции кон Москва поради нејзината инвазија на Украина.

Преговорите за обновување на историскиот нуклеарен договор од 2015 година, кои се одржуваа во Виена, заглавија откако Русија ги претстави своите нови барања претходно овој месец.

Борел бара пауза за нуклеарните преговори со Иран иако е подготвен конечниот договор

Дотогаш разговорите меѓу Иран и големите сили беа блиску до обновување на договорот за регулирање на иранската нуклеарна програма. Претходно договорот беше „замрзнат“ по одлуката на поранешниот американски претседател Доналд Трамп да гсе повлече од договорот.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Хатибзадех, пред иранските новинари изјави дека дека преговорите се ставени на пауза бидејќи има некои важни отворени прашања за кои треба да одлучи Вашингтон.

Тој додаде рече дека штом тие одлуки бидат донесени, преговарачите „ќе можат да се вратат во Виена и да постигнеме конечен договор“.

Највисокиот ирански функционер за безбедност, Али Шамхани, денеска на социјалната мрежа Твитер објави дека Иран ќе остане во разговорите додека не се постигне „силен договор што ги исполнува сите нивните правни и логични барања“.

Преговорите беа прекинати откако Русија на 5 март побара гаранции дека западните санкции воведени по руската инвазија на Украина нема да и наштетат на руската трговија со Иран.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен ги отфрли барањата на Русија како „неважни“ за нуклеарните преговори, кои се водеа меѓу Иран и Велика Британија, Кина, Франција, Германија и Русија, а САД учествуваа индиректно.

Договорот му донесе олеснување на санкциите кон Иран во замена за ограничување на иранската нуклеарна програма. САД еднострано се повлекоа од договорот во 2018 година за време на тогашниот претседател Доналд Трамп и воведоа строги економски санкции, вклучително и за извозот на нафта.

Тензиите во регионот се зголемија на 13 март кога Иран го нападна северниот ирачки град Ирбил со десетина балистички проектили во напад врз главниот град на автономниот ирачки курдски регион, кој изгледаше дека ги цели САД и нивните сојузници.

Иранската Исламска револуционерна гарда ја презеде одговорноста за ракетниот напад чија цел беше новата зграда на американскиот конзулат и станбена зона. Нападот предизвика само материјална штета, а еден цивил беше повреден, соопшти курдското Министерство за внатрешни работи на 13 март..

Техеран многупати ги предупреди ирачките власти дека неговата територија не треба да се користи од трети страни за напади против Иран.