Автобус со околу 50 украински бегалци се преврте на главниот автопат во северна Италија во утринските часови во неделата, при што загина едно лице, соопштија италијанските пожарникари.
Како што пренесува агенцијата Асошиејтед прес цитирајќи го италијанското државно радио има неколку повредени во несреќата на автопатот во близина на Форли, град во регионот Емилија-Ромања во североисточна Италија. Останатите луѓе кои биле во автобусот се безбедно евакуирани.
Автобусот излетал на страна на тревна падина веднаш зад заштитната ограда на автопатот. Италијанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека возилото тргнало од Украина и се движело на југ кон Пескара, пристанишен град на Јадранот.
Околу 35.000 Украинци бегалци кои избегаа од војната во својата татковина влегоа во Италија, повеќето од нив преку нејзината североисточна граница со Словенија.