Дуда: ако Путин употреби хемиско оружје, тоа ќе ја промени играта

Полскиот претседател Анджеј Дуда

Полскиот претседател Анджеј Дуда во интервју дадено денеска рече дека употребата на хемиско оружје во Украина од страна на Русија ќе ја промени играта и НАТО ќе мора сериозно да размисли како да одговори.

Како што пренесува агенцијата Ројтерс прашан дали употребата на хемиско оружје од Путин би била црвена линија за НАТО, Дуда за телевизијата Би-Би-Си рече дека ако биде употребено какво било оружје за масовно уништување, тогаш тоа ќе ја промени играта.

„Сигурно, Северноатлантската алијанса и нејзините лидери предводени од Соединетите држави ќе мора да седнат на маса и навистина ќе мора сериозно да размислат што да прават затоа што тогаш тоа почнува да станува опасно“, рече Дуда.

Неговите коментари доаѓаат откако генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во интервјуто за германскиот весник „Велт ам Зонтаг изјави дека Русија може да употреби хемиско оружје во Украина и дека таквиот потег би бил воено злосторство.

„Последниве денови слушнавме апсурдни тврдења за лаборатории за хемиско и биолошко оружје“, рече Столтенберг, цитиран од Велт ам Зонтаг, додавајќи дека Кремљ измислува лажни изговори за да го оправда она што не може да се оправда.

„Сега, кога се изнесени овие лажни тврдења, мораме да останеме внимателни бидејќи е можно самата Русија да планира операции со хемиско оружје под оваа измислица на лаги. Тоа би било воено злосторство“, изјави Столтенберг за германскиот дневен весник во интервјуто објавено на 13 март.