Тела на руски војници загинати во битките во Украина ги полнат мртовечниците во Белорусија, изјавија локалните жители за Радио Слободна Европа. Руските војници убиени во борбите ги носат со камиони во мртовечниците, а потоа, според изјавите на жителите, ги праќаат во Русија со воз или со авион.
Жителите го опишуваат ужасот кога ги виделе телата натоварени во воз во Мазир од каде што требало да бидат односени во Русија. Пополнети се и мртовечниците во Хомел и Нарулија, според локалните жители.
На белоруските лекари им се заканувало губење на работното место ако бидат фатени како шират информации за загинатите и повредените руски војници. Американските власти проценуваат дека неколку илјади руски војници биле убиени досега во руската инвазија врз Украина.