Украински владин претставник: Србија со летовите за Москва заработува на крв

Авион на Ер Србија

Првиот заменик министер за надворешни работи на Украина, Емине Џепар ја обвини Србија дека ја користи војната во Украина за профит, додека британскиот весник Гардијан пишува дека Србија за богатите Руси станала „капија“ за влез во Европа, јави дописникот на МИА од Белград.
Џепар на Твитер напиша дека авиокомпанијата Ер Србија го удвоила бројот на директни летови од Белград до Москва, откако земјите од ЕУ и некои други земји воведоа забрана за летови за руските авиони и ги прекинаа летовите за Русија.

“Србија е единствената земја во Европа која има отворено небо за Русија. Заработката на крв не е достојна за една земја кандидат за ЕУ”, напиша Емине Џепар.

Весникот Гардијан пишува дека богатите Руси ја користат Србија за на „мала врата бегаат“ во Европа заобиколувајќи ја забраната за летови на ЕУ до и од Русија.

“Ер Србија, што мнозински е во државна сопственост, го удвоила бројот на директни летови од Москва до Белград на 15 неделно за да одговори на зголемената побарувачка, откако ЕУ им забрани на руските авиони и авиокомпании да влезат во нејзиниот воздушен простор по инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин врз Украина. Русија одговори со затворање на својот воздушен простор за авионите на ЕУ и на Велика Британија“, пишива Гардијан.

Британскиот весник потсетува дека Србија не е членка на ЕУ и дека одбила да воведе санкции кон Русија, но нејзините авиони можат да влезат во воздушниот простор на ЕУ.

Капацитетот на седиштата на летовите меѓу Русија и Србија е зголемен за 50 отсто во првата недела од март во споредба со неделата пред влегувањето на руските тенкови во Украина, соопшти компанијата, додавајќи дека е планирано дополнително зголемување на капацитетот за следните недели.

Русите кои доаѓаат во Србија го продолжуваат патувањето кон Европа, а нивните главни понатамошни дестинации се Кипар, Франција, Швајцарија и Италија. Русите патуваат и во Велика Британија, Словенија, Австрија, Германија и Шпанија, пишува Гардијан.