Хрватска го критикува НАТО по падот на дронот од руско производство

Хрватска- местото на падот на беспилотното летало во Загреб, Хрватска, 11 март 2022 година

Хрватските власти денеска го критикуваа НАТО за, како што рекоа, бавната реакција на алијасната за военото беспилотно летало кое очигледно поминало по целиот пат од украинската воена зона над неколку земји-членки на НАТО, пред да се урне во урбана зона на Загреб.

Беспилотниот авион од руско производство ги премина Романија и Унгарија пред да влезе во Хрватска и да падне доцна во четвртокот во во близина на студентски дом на хрватскиот главен град. Околу 40 паркирани автомобили беа оштетени, но никој не беше повреден во силната експлозија.

НАТО соопшти дека интегрираната воздушна и ракетна одбрана на Алијансата ја следела патеката на летот на објектот. Но, хрватскиот премиер рече дека властите во земјата не биле информирани и дека НАТО реагирал дури по прашањата од новинарите.

„Не можеме да ја толерираме оваа ситуација, ниту ова требаше да се случи некогаш“, рече премиерот Андреј Пленковиќ при посетата на местото на несреќата.

„Ова беше чиста и јасна закана и НАТО и ЕУ требаше да реагираат“, рече тој нагласувајќи дека ќе работат да ја подигнат подготвеноста не само во Хрватска, туку и кај другите.

Пленковиќ рече дека извидувачкиот дрон од советско време летал над 40 минути над Унгарија и шест до седум минути над Хрватска пред да се урне. Претходно, романските одбранбени власти соопштија дека летечкиот објект бил во воздушниот простор на Романија само три минути по преминувањето од Украина, што го отежнувало пресретнувањето.

Пленковиќ ги повика унгарските власти да започнат истрага за тоа зошто нивната одбрана очигледно не го забележала беспилотното летало бидејќи и Хрватска и Романија имале малку време да реагираат на објектот кој брзо се движи.

„За среќа, нешто многу полошо не се случи“, рече Пленковиќ, додавајќи дека унгарскиот премиер Виктор Орбан за ова дознал по него.

„Ова можеше да падне на нуклеарната централа во Унгарија. Очигледно немаше добра реакција и другите земји не реагираа добро. Сега имаме тест од кој треба да научиме и да реагираме многу подобро“, рече тој.

Тој рече дека само истрага за воздушна несреќа може да утврди кој го лансирал дронот. И Русија и Украина негираа дека го лансирале дронот.
Воените експерти велат дека Украина е единствениот познат сегашен оператор на тој тип дронови кој има распон на крилата од речиси 4 метри и е тежок нешто повеќе од 6 тони.