Се чини дека руските сили напредуваат во нивниот бавен обид за освојување на главниот град на Украина, Киев, додека со тенкови и артилерија ги напаѓаат местата кои се веќе под нивна опсада, јавуваат светските агенции.
Сирените за воздушен напад се огласија низ неколку украински градови рано на 12 март, повикувајќи ги луѓето да бараат засолништа. Локалните медиуми ја пренесуваат изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски кој рече дека Украина „веќе направила стратегиска пресвртница“.
„Не е возможно е да се каже уште колку дена ќе ни требаат да ја ослободиме нашата земја. Но, можно е да се каже дека ќе го направиме тоа“, рече Зеленски во видео пораката.
Вицепремиерката Ирина Верешчук рече дека неколку хуманитарни коридори вклучително и од опколениот јужен пристанишен град Мариупол, ќе бидат отворени на 12 март за да можат цивилите да си заминат.
„Се надевам дека денот ќе помине добро, сите планирани рути ќе бидат отворени и Русија ќе ги исполни своите обврски за гарантирање на режимот за прекин на огнот“, рече Верешчук во видео обраќањето.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Бројот на загинати во Мариупол надмина 1.500 за 12 дена од нападот, соопшти кабинетот на градоначалникот. Гранатирањето ги принуди екипите да престанат да прават масовни гробници, така што „мртвите не се ни погребуваат“, рече градоначалникот.
Украинските власти ја обвинија Русија дека со гранатирање од тешка артилерија оштетила болница за лекување на болни од рак и неколку станбени згради во јужниот град Миколаев. На терен, силите на Кремљ изгледа како да се обидуваат да се прегрупираат и да ја вратат динамиката по силниот отпор со кој се соочија во изминатите две недели.
Британското Министерство за одбрана соопшти дека Русија се обидува да ги ресетира позициите на своите војници и дека се подготвува за операции во Киев. Поради инвазијата која влегува во трета недела, повеќе од 2,5 милиони луѓе веќе ја напуштија Украина.