Собранието ги изгласа антикризните мерки

Пратениците пред полноќ ги изгласаа измените за законите за ДДВ и за акцизите, со што се овозможува да стапат на сила антикризните мерки што Владата ги најави во средата.

Собранието со 95 гласа „за“ и без ниту еден “против“ и „воздржан“ го донесе Предлот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, а со 96 гласа „за“ и исто така без ниту еден “против“ и „воздржан“ и Предлогот на закон за дополнување на Законот за акцизите, и двата по скратена постапка.

Министерот за финансии Фатмир Бесими образложувајќи ги двата предлог закони, рече дека тие се дел од пакетот 26 кризни мерки на Владата, кои треба да му помогнат на стопанството во државата, која е погодена од енергетската криза и ценовниот шок на глобалните пазари.

Пакетот е во вреднос од 400 милиони евра.

Со изгласаните измени основните прехранбени продукти, како леб, брашно, млеко, месо, зејтин, шеќер, ориз и јајца за кои досега имаше ДДВ од пет проценти, сега ќе се продаваат без ДДВ. Се намалува ДДВ-то од 18 отсто на 10 отсто при промет на енергенси, се укинува плаќање ДДВ при увоз на енергенси и се намалува акцизата на горивата согласно берзанските цени.

Претседателот на државата Стев Пендаровски претходно во гостивање на Телма телевизија рече дека по изгласувањето на измените ќе ги чека веднаш да пристигнат кај него и да ги потпише, за да може веднаш да се објават во Службен весник и антикризните мерки од понеделник да стапат на сила.