Обединетите нации денеска соопштија дека немаат сознанија за каква било програма за биолошко оружје во Украина, додека Вашингтон изрази загриженост дека Русија го шири недокажаното тврдење со цел да изврши свои биолошки или хемиски напади.
Русија претходно побара од Советот за безбедност на ОН да се решат нејзините наводи за „биолошките активности“ на САД во Украина, обвинение кое беше поднесено без никакви докази и отфрлено и од Вашингтон и од Киев.
Изуми Накамицу, високата претставничка на ОН за прашања за разоружување, му рече на Советот дека „не се свесни“ за каква било програма за биолошко оружје во Украина.
Рускиот претставник во Обединетите нации, Василиј Небензја го повтори тврдењето без да обезбеди докази дека Украина имала лаборатории за биолошко оружје со поддршка на американското Министерство за одбрана.
Според договорот од 2005 година, Пентагон им помогна на неколку украински здравствени лаборатории за подобрување на безбедноста од опасни патогени и технологија што се користи за истражување.
Претставникот на САД во Обединетите нации, Линда Томас-Гринфилд рече дека Русија има историја на лажно обвинување на други земји за прекршувањата што самата ги прави.
„Имаме сериозна загриженост дека Русија можеби планира да користи хемиски или биолошки агенси против украинскиот народ“, додаде таа.
Британската амбасадорка во ОН, Барбара Вудворд ги нарече обвинувањата на Москва „целосна глупост“ и рече дека „Русија денес тоне во нови длабочини, но Советот не смее да се влече со тоа“.