Канцеларијата за човекови права на ОН денеска соопшти дека добила „веродостојни извештаи“ за неколку случаи кога руските сили користеле касетни бомби во Украина, додавајќи дека недискриминирачката употреба на такво оружје може да претставува воено злосторство.
„Поради нивните ефекти на широко подрачје, употребата на касетна муниција во населените области е некомпатибилна со принципите на меѓународното хуманитарно право кои го регулираат практикувањето на непријателство“. Ги потсетуваме руските власти дека насочувањето напади врз цивили и цивилни објекти, како и таканареченото бомбардирање на области во градовите и селата и други форми на неселективни напади, се забранети според меѓународното право и може да претставуваат воени злосторства“, изјави портпаролката на ОН Лиз Тросел.
Претходно овој месец, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг рече дека Алијансата видела употреба на касетни бомби во Украина.
Касетните бомби се составени од шуплива школка што експлодира во воздух, распрснувајќи десетици или дури стотици помали „бомби“ на широк простор. Русија не е членка на конвенцијата од 2008 година за забрана на касетна муниција, иако е обврзана со меѓународното хуманитарно право, особено со забраната за неселективни напади.