Украина ја обвини Москва дека се обидува да ја вовлече Белорусија во војната

Илустративна фотографија

Киев ја обвини Русија дека пукала во населба во Белорусија во близина на границата со Украина во обид преку „лажно знаме“ да го привлече Минск да се приклучи на неиспровоцираната инвазија на Москва врз нејзиниот сосед.

Воздухопловната команда на Украина денеска соопшти дека граничните власти добиле информации во кои детално е опишано како руските авиони кои полетале од аеродром во Белорусија, преминале во украинскиот воздушен простор и потоа пукале во белоруското село Копани.

Неколку западни разузнавачки агенции предупредија дека Русија ќе користи операции со „лажно знаме“ како дел од својот план за дезинформации за време на нападот врз Украина.

„Ова е провокација! Целта - да се вклучат белоруските вооружени сили во војната во Украина“, се вели во соопштението на командата на украинските воздухопловни сили.

Украинската војска соопшти дека две други белоруски населби исто така биле цел на истата операција.

Извештајот е објавен истиот ден кога авторитарниот владетел на Белорусија Александар Лукашенко замина во посета на рускиот претседател Владимир Путин во Москва. Белорусија му помогна на Путин да го започне нападот дозволувајќи нејзината територија да се користи како полигон за руските трупи.

„Официјално изјавуваме: украинската војска не планирала и не планира да преземе каква било акција на агресија против Република Белорусија. Апелираме до белорускиот народ - не дозволувајте да бидете искористени во криминална војна!“ се наведува во соопштението на службата за безбедност, објавено на нивниот канал на Телеграм.

Засега нема коментар од Минск за овој инцидент.

Русија на 24 февруари започна инвазија на Украина, што е најголем напад на европска земја од Втората светска војна. Како што соопштија Обединетите нации, Украина ја напуштиле 2,5 милиони луѓе од кои најголемиот дел се упатија кон европските држави. Од почетокот на инвазијата, во Белорусија пребегнале околу 900 лица.