Беспилотното летало кое ноќеска се урна во Загреб било следено од хрватските радарски системи кога влегло од Унгарија, изјави денеска хрватскиот министер за одбрана Марио Баножиќ.
Тој на вонредната прес-конференција прецизираше дека леталото се движело со брзина од 700 километри на час и во хрватскиот воздушен простор било седум минути, од влезот на нивна територија околу 22 часот и 57 минути, па се до падот во Загреб.
Запрашан за зошто немало реакција откако леталото бил забележано на радарите, Баножиќ одговорил со прашање „што реално би можеле да направат за седум минути“.
„Мораме да ги споредиме сигналите на радарските системи, дали требало да се издаде предупредување или се работи за собирање податоци“, изјави Баножиќ.
Началникот на Генералштабот на хрватските вооружени сили, адмирал Роберт Храњ рече дека инцидентот е сериозен и во тек е интензивна истрага. Во однос на шпекулациите дека леталото било вооружено, тој посочи дека „првите информации не ја поддржуваат таа теза“.
Хрватската контрола на летање, објави дека леталото немало уред за комуникација и затоа не бил детектиран со секундарни радари што се користат за контрола на цивилни летови. Леталото кое се урна во Загреб е тешко шест тони и имало опсег од 1.000 километри. Тоа било користено од вооружените сили на СССР во 70-тите и 80-тите на минатиот век, но истрагата треба да покаже кој го користел овојпат.
И украински и руските официјални лица во изјава за хрватските медиуми ја отфрлија можноста дека леталото било нивно.
„Се преземаат и други мерки за координација на безбедносниот и одбранбениот систем, вклучително и меѓународната соработка, особено со НАТО, за да се утврдат сите околности“, наведоа претпладнево од Владата на Хрватска.
Во инцидентот нема загинати, а делови од леталото биле забележани на повеќе локации низ Загреб, додека на земјата е видлив голем кратер. Полициската управа на Загреб соопшти дека ноќеска добила повеќе пријави од граѓани кои почувствувале детонација во поширокото подрачје на Јарун. Оштетени се неколку паркирани возила.