Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел вели дека конечниот текст на договорот за заживување на историскиот нуклеарен договор меѓу Иран и светските сили е „во суштина подготвен и ставен на маса“, но потребна е пауза во разговорите поради „надворешни фактори“.
Москва минатата недела побара гаранции дека западните санкции поврзани со нејзината инвазија на Украина нема да ги попречат економските и воените односи меѓу Иран и Русија. САД и европските земји ја отфрлија идејата, велејќи дека нема никаква врска со обновувањето на Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA) бидејќи нуклеарниот договор од 2015 година е официјално познат.
„Како координатор, јас со мојот тим, ќе продолжам да бидам во контакт со сите учесници во JCPOA и со САД за да се надмине моменталната ситуација и да се затвори договорот“, напиша денеска Борел на Твитер.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Хатибзадех, исто така преку Твитер посочи дека Техеран се согласил дека паузата може да резултира со „моментум за решавање на секое останатото прашање и конечно враќање“.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс, вчера посочи дека има уште неколку прашања кои треба да се решат - што е индикација дека руската позиција не е единствената пречка која треба да се тргне од патот.
Поранешниот претседател Доналд Трамп во 2018 година ги повлече САД од договорот со кој беа укинати повеќето санкции кон Иран во замена за ограничувањето на нуклеарната активност на земјата. Потегот на САД доведе до строги економски санкции кон Техеран, кој прекрши некои одредби од договорот велејќи дека тој повеќе не е применлив.
Рускиот претставник Михаил Улјанов ги отфрли сугестиите дека Москва е причината за запирање на разговорите.
„Склучувањето на договорот не зависи само од Русија. Има други актери на кои им треба дополнително време и кои имаат дополнителни грижи, и за нив се разговара“, изјави Улјанов.
Разговорите за заживување на договорот започнаа во април во Виена. Во нив учествуваат претставници од Кина, Франција, Германија, Русија, Велика Британија, Европската унија и Иран.