Путин одобри испраќање доброволци во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин денеска одобри испраќање доброволци за рускиот напад врз Украина. Тој исто така одобри испраќање на заробените западни ракети системи во сепаратистичките области во источна Украина, кои имаат поддршка од Москва.

На седницата на Советот за национална безбедност, министерот за одбрана Сергеј Шојгу рече дека Министерството добило „огромен број барања“ за заминување во Украина, и дека најголемиот број се од Блискиот Исток – 16 илјади.

Путин рече дека „западните спонзори на Украина“ веќе испраќаа платеници во зоната на борбени дејствија и оти тоа го прават отворено и „не водејќи сметка за меѓународното право“.

„Затоа, ако видите дека постојат луѓе кои сакаат доброволно да одат и да им помогнат на луѓето во Донбас, што да се прави, треба да им се излезе во пресрет и да им се помогне да стигнат до зоната на борбени дејствија“, рече Путин на седницата која беше пренесувана на телевизија.

Тој побара од Шојгу и подготовка на план за заштита на западните граници на Русија како одговор на разместувањето на силите на НАТО.