По четири години затвор за обвинетите во случајот „Јавна соба“

Затворски казни од по четири години досуди денеска основниот кривичен суд Скопје на Дарко Костовски и Михаил Паневски, креатори на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм. Тие беа обвинети за производство и дистрибуција на детска порнографија.

Според обвинението, во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата обвинети, како основач и модератор на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете.


На социјалната мрежа Телеграм оваа група веќе е згасната.
Мерката куќен притвор на осудените им е продолжена до правосилност на пресудата. Тие се во куќен притвор веќе 13 месеци.

Предметот во јавноста познат како „Јавна соба 2“ е во фаза на предистражна постапка.