Се забранува извоз на житни култури, брашно и зејтин

Илустрација: Пченица

Министерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека од денеска е забранет извозот на пченица, јачмен, пченка, пченично брашно, семе од сончоглед и сончогледови масла. Одлуката за забрана ја донесе Владата и ќе трае во наредните десет дена, а нејзината цел, како што напомена Бектеши, е да се избегнат шпекулативни дејства на трговците и производителите, заштита на домашното производство, домашниот пазар и граѓаните.

„Одлуката се носи превентивно за да не настанат поголеми нарушувања на пазарот. Целта на мерката е заштита на домашниот пазар и на граѓаните. Во услови на постпандемија, кога се соочуваме со најголемата економска криза во поново време, граѓаните треба да знаат дека Владата е посветена на намалување на негативните последици“, рече министерот на прес-конференција.

Тој апелира до сите економски чинители дека сега е вистинско време да се покаже разбирање и да се придонесе за намалување на негативните последици од кризата. Бектеши уште еднаш порача граѓаните да бидат мирни и да не стравуваат зашто државни резерви има.

Поради рускиот напад на Украина, цените на храната се покачија, а владата донесе одлука за замрзнување на цените или намалување на маржите на основните животни производи.