Дронот што падна во Загреб навлегол од унгарскиот воздушен простор

Местото каде што падна беспилотно летало во Загреб

Хрватската Влада соопшти дека во Загреб ноќеска се урна беспилотно летало.

„Сите надлежни служби беа вклучени веднаш по падот на беспилотно летало од воен тип, кое според досега собраните податоци, навлезе во хрватскиот воздушен простор од исток кон запад, односно од унгарскиот воздушен простор, со брзина од 700 км/ч на височина од 1.300 метри“, се наведува во соопштението.

Владата наведува дека во тек е истрага во соработка меѓу криминалистичката полиција и воената полиција.

„Се преземаат и други мерки за координација на безбедносниот и одбранбениот систем, вклучително и меѓународната соработка, особено со НАТО, за да се утврдат сите околности“, наведоа од Владата на Хрватска.

Како што објавија медиумите, синоќа по 23 часот во Загреб најверојатно се урнал дрон. На местото на падот биле пронајдени и два падобрани.

Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ потврди дека станува збор за големо летало и дека во инцидентот нема загинати.

„Делови од леталото се на повеќе локации. Никој не загинал и тоа е среќа во несреќа. Тоа е релативно големо летало. Времето кога се урна и локацијата каде што слетале фрагментите, тоа е неверојатно дека нема загинати. Надлежното министерство наскоро ќе се обрати до јавноста, Државното обвинителство води истрага. Засега нема информации за експлозивни елементи“, рече Томашевиќ.

Претходно беше објавено дека на земјата е видлив голем кратер и дека очигледно нешто удрило и експлодирало.

Полициската управа на Загреб соопшти дека добила повеќе пријави од граѓани дека почувствувале детонација во поширокото подрачје на Јарун. Местото го обезбедува полицијата и во тек е истрага.

Оштетени се неколку паркирани возила.