Набавни цени за лебот, зејтинот и брашното

Илустрација

Лебот, маслото за јадење и брашното од вчера се продаваат по набавни цени, а за дел од основните прехранбени продукти се намалени маржите со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните и да се сочува нивниот животен стандард во екот на најголемата економска криза кога на светските берзи секојдневно расте цената на горивата.

За белиот шеќер, трајното кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо, сувомеснатите производи, како салами, виршли и колбаси, сирењето, урдата, оризот, јајцата и макароните намалени се профитните маржи во трговијата на големо од 5 на 4 проценти и во трговијата на мало од 10 на 3 проценти. Намалувањето на маржите ќе важи до 31 мај.

Дополнително, како времена мерка, целосно е забранет и извозот на маслото за јадење, бидејќи проценките се дека во периодот од 1 до 8 март од државата се извезени 330 тони.

Постои можност ваква забрана да има и за дел од другите прехранбени производи како што се брашното, пченицата и пченката бидејќи има побарувачка за извоз од соседните и европските држави.

Следниот вторник, пак, според најавите, најверојатно ќе биде донесена и мерка за увоз на масло за јадење со нула проценти царина.

Наскоро се очекува да бидат донесени и законските измени на данокот за додадена вредност и за акцизите со кои треба да се намали ДДВ за основните прехранбени продукти и за горивата. Собраниската седница е закажана за денеска во 15 часот, а од Владата апелираат пратениците веднаш да ги усвојат законските измени.

Измените се однесуваат на намалување на повластената стапка на ДДВ за основните прехранбени производи од 5 отсто на 0 отсто, намалување на стапката на ДДВ од 18 отсто на 10 отсто за горивата, како и намалување на акцизата за горивата согласно берзанските цени.

Овие мерки служат за ублажување на ценовниот шок кој уследи по руската инвазија врз Украина.