Нови цени на нафтените деривати, дизелот поскапува за три денари

Бензинска пумпа, бензин, горива

Нови поскапувања на нафтените деривати најави денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Од ноќеска на полноќ цените ќе бидат зголемени во просек од 1,67 отсто.

Со тоа, малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за три денари и ќе изнесува 97 денари, а цените на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат и ќе останат 93 и 95 денари, наведува РКЕ.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство се зголемува за 2,5 денари и ќе изнесува 92,50 денари, а на Мазутот се зголемува за 1,404 денари и ќе изнесува 60,569 денари за килограм.

„Ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 11.3.2022 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, наведува РКЕ

Ова е трето поскапување на горивата за неколку дена. РКЕ на 7 март го поскапе дизелот за 10 денари, бензините за 5,5 денари по литар. Вчера, пак, дизелот беше поскапен за 8 денари.