Европскиот парламент (ЕП) ги осуди напорите на Русија да ги искористи етничките тензии на Западен Балкан „со цел да го разгори конфликтот и да ги подели заедниците“, што може да го дестабилизира целиот регион.
ЕП на 9 март усвои Резолуција за „странско мешање во демократските процеси во Европската унија.“ За донесување на Резолуцијата гласаа 552 пратеници, 81 беа против и 60 беа воздржани.
Меѓу елементите на Резолуцијата се вклучени загриженоста на европските пратеници за „обидите на Православната црква во земјите како Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, особено во ентитетот Република Српска, да ја промовира Русија како заштитник на традиционалните семејни вредности и да ја зајакне односите меѓу црквата и државата.“
Во Резолуцијата, меѓу другото, се наведува дека во ЕП постои вознемиреност поради тоа што Унгарија и Србија им помагаат на Кина и на Русија во нивните геополитички цели.
Во резолуцијата се вели дека е потребен е дијалог со граѓанското општество и приватниот сектор во Западен Балкан за да се координираат напорите против дезинформациите во регионоти и се оценува дека „злонамерните и авторитарни земји, како Русија и Кина, манипулираат со информации со цел да ја нарушат демократијата на ЕУ“.
Европратениците предупредуваат дека европските граѓани, како и владите, „не се свесни за заканите“ од овие акции. ЕП повикува на санкции за странско мешање и кампањи за дезинформирање, вклучително и одземање на лиценците за организациите кои дистрибуираат странска државна пропаганда.
Идејата за санкционирање на мрежите за дезинформации ден претходно веќе ја поддржа и шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, за време на дискусијата за Резолуцијата, пред нејзиното гласање во ЕП.
Обраќајќи се пред европратениците, Борел рече дека ЕУ треба да има можност да замрзнува средства и да забранува патувања во Унијата за секој кој е одговорен, со цел Унијата да го привлече вниманието на злоупотребите на информациите за манипулации и дезинформации.
Со усвоената резолуција, европратениците ја повикуваат Европската комисија да изгради инфраструктура потребна за подготвка на одговори базирани на докази на краткорочните и долгорочните закани со дезинформации во Западен Балкан.
Беше упатен посебен и повик до Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС) да заземе поактивен став и да се „фокусира на изградба на кредибилитетот на ЕУ во регионот, а не на нејзината одбрана“.