Обединетите нации соопштија дека повеќе од 2,3 милиони бегалци ја напуштиле Украина од почетокот на руската инвазија кон крајот на февруари, при што речиси 161.000 луѓе избегале во последните 24 часа.
Шефот на УНХЦР во денешна изјава рече дека на Агенцијата на ОН и се потребни половина милион долари за итни случаи и работа во Украина и соседните земји. УНХЦР досега доби скоро 300 милиони долари, од кои две третини се од приватни донатори.
„Ова е незапамтено: знак на исклучителна солидарност со народот на Украина“, рече шефот на УНХЦР Филипо Гранди.
Русија на 24 февруари започна неиспровоцирана инвазија врз Украина.
Меѓународната организација за миграција на Обединетите нации (ИОМ) вчера соопшти дека 109.000 луѓе кои се државјани на трети земји, се меѓу оние што ја напуштиле Украина, вклучително и луѓе од Еквадор, Гана, Либан и Тунис.
Најголем дел од украинските бегалци се преселиле во Полска, каде во моментов има повеќе од 1,4 милиони. Полската гранична служба денеска на Твитер објави дека приближно 117.600 луѓе ја минале границата во изминатиот ден.
Речиси 214.160 бегалци се наоѓаат во Унгарија, што е девет отсто од вкупниот број на оние што ја напуштиле Украина. Околу 165.000 бегалци дојдоа во Словачка, околу 84.600 во Романија и речиси 83.000 во Молдавија, иако уште илјадници ги преминаа границите на земјата на пат кон други земји. УНХЦР наведува дека бројот на бегалци во Русија од почетокот на инвазијата е повеќе од 97.000.
Според УНХЦР, дополнителни 96.000 луѓе преминале во Русија од подрачјата под контрола на сепаратистите поддржани од Москва, во периодот меѓу 18 и 23 февруари, неколку дена пред почетокот на инвазијата.