Руските социјални мрежи го блокираа „Курент Тајм“

Илустрација

Двете водечки социјални мрежи во Русија ја блокираа содржината на „Курент Тајм“ (Current Time) на барање на медиумскиот регулатор во земјата, потег на владата која има за цел да ги запре независните новински организации.

ВКонтакте, која е позната како „VK“ и е најголемата руска компанија за социјални медиуми, како и Одногласници, денеска го информираа „Курент Тајм“ за барањето.

Компаниите рекоа дека медиумскиот регулатор Роскомнадзор го доставил барањето откако Канцеларијата на јавниот обвинител утврдил дека извештаите на „Курент Тајм“ објавени на социјалните мрежи и онлајн платформите „носат лажни информации од општествено значење кои можат да предизвикаат закана по животот и/или здравјето на граѓаните, закана за нарушување на општествениот поредок и/или јавната безбедност“.

Барањето доаѓа неколку дена откако владата усвои два закони со кои се криминализира независното известување за војна и протестирањето против војната во Украина.

Роскомнадзор им нареди на медиумите да објавуваат само информации дадени од официјални извори. Исто така, им забрани на медиумските организации да ја опишуваат борбата во Украина како војна или инвазија, а наместо тоа нареди таа да се нарекува „специјална воена операција“.

„Курент Тајм“ и Радио Слободна Европа ги одбија официјалните барања за цензурирање на нивното известување, нарекувајќи ги праведни и точни.

Независните медиуми во Русија се под притисок со години, главно поради деценискиот закон за „странски агенти“. Но, од руската инвазија која започна на 24 февруари, се поголем број на руски и странски медиумски организации ги прекинуваат своите активности во Русија и ги повлекуваат своите дописници.

Освен „Курент Тајм“, кој е медиум за телевизиски вести на руски јазик, управуван од Радио Слободн Европа заедно со Гласот на Америка, регионалната интернет странива за вести „Idel.Realities“, што го покрива централниот регион Волга, исто така доби известување од ВКонтакте.

Уредниците се повикани да ги избришат извештаите што ја покриваат војната во Украина. Тие велат дека доколку тоа не биде сторено, целосно ќе биде блокиран „Курент Тајм“. Повеќе меѓународни радиодифузери веќе најавија суспензии во Русија како што се Би-Би-Си, Си-Ен-Ен, Блумберг, Си-Би-Си, германските АРД и ЗДФ.