Шефицата на босанската дипломатија Бисера Турковиќ и нејзината германска колешка Аналена Баербок се согласија дека процесот за одобрување на статусот на Босна и Херцеговина како кандидат за членство во Европската унија мора да се забрза, со оглед на руската инвазија на Украина.
По состанокот, Турковиќ повика на забрзување на процесот за доделување кандидатски статус на Босна и одредување прецизен датум за отворање на преговорите за членство. Истовремено побара од Баербок поддршка од Германија за Босна да стане кандидат за ЕУ.
Босна се смета за можна идна членка на ЕУ, но се уште не е официјален кандидат. Турковиќ рече дека постигнувањето кандидатски статус ќе помогне да се консолидира стабилноста на Босна во услови кога српските сепаратисти се обидуваат да извршат притисок за отцепување на српскиот ентитет во Босна, Република Српска, со премолчено одобрување на Москва.
Баербок нагласи дека процесот за членство на Босна во ЕУ треба да се интензивира, потенцирајќи дека Босна „припаѓа во Европа“ и предупреди на српските националистички тенденции кои се закануваат да го дестабилизираат регионот.
„Затоа мораме и ќе ги спречиме оние кои се обидуваат да го загрозат мирот во Босна од себични причини“, рече Баербок.
Милорад Додиќ, српскиот член на трипартитното претседателство на БиХ, врши притисок Република Српска да се отцепи од војската, полицијата и даночната администрација на централната босанска влада, дејствија што се во спротивност со Дејтонскиот договор од 1995 година, со кој завршија војните во Босна.
Дејтонскиот договор ја подели земјата на два високо автономни региони, Република Српска во која доминираат православните Срби и бошњачко-хрватската федерација во која доминираат католичките Хрвати и муслиманските Бошњаци.
Баербок рече дека Германија во иднина ќе ги поддржува само оние кои работат на зајакнување на БиХ, а не оние кои сакаат да ја дестабилизираат и ослабат, мислејќи на Додиќ, кој ја ужива поддршката од Русија. Таа исто така нагласи дека економската соработка ќе се заснова на заеднички вредности, вклучувајќи демократија, владеење на правото и почитување на меѓународните договори.