Велика Британија соопшти дека додала уште неколкумина познати руски милијардери на листата на санкции, а меѓу нив се и сопственикот на фудбалскиот клуб Челзи Роман Абрамович и индустријалецот Олег Дерипаска, кој повика на окончување на војната што Москва ја почна со нападот врз Украина.
Британската влада денеска соопшти дека на новата листа се вклучени и генералниот директор на Роснефт Игор Сечин, претседателот на банката ВТБ Андреј Костин, директорот на Газпром Алексеј Милер, сопственикот на фирмата за гасоводи Транснефт Николај Токарев и претседателот на Банката на Русија Дмитри Лебедев.
Со овој потег им се замрзнуваат средствата во Обединетото Кралство и им се забранува на луѓето од списокот влез во земјата, како и трансакции со луѓе и фирми од Велика Британија.
Русија ја нападна Украина на 24 февруари. Многу западни земји од тогаш воведоа тешки санкции против Русија, како и против руски претставници и милионери кои се сметаат за блиски до претседателот Владимир Путин.
На 7 март Дерипаска рече дека е потребен мир „што е можно поскоро“, додавајќи дека „целиот свет ќе биде различен по овие настана и Русија ќе биде поинаква“.
Абрамович, кој е сопственик на Челзи од 2003 година, го стави фудбалскиот клуб на продажба овој месец и вети дека ќе ги донира парите од приходите за помош на жртвите од војната во Украина.