Народна банка - Банкарскиот систем има капацитет да се справи со евентуалните шокови

Банкарскиот систем има капацитет да се справи со евентуалните шокови, а истовремено и да му пружи солидна кредитна поддршка на реалниот сектор. Ова било посочено на средбата меѓу гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и регионалната директорка на Светска банка за Западен Балкан, Европа и Централна Азија, Линда Ван Гелдер, на која присуствувал и директорот на Канцеларијата на Светска банка во земјава Максимилијано Паолучи, соопштуваат од Народна банка.

Во соопштението се наведува дека Народната банка води приспособлива монетарна политика, внимателно ги следи движењата и прави анализи за преземање мерки коишто ќе овозможат балансирање на ефектите од сѐ повисоките цени, со потребата од одржување соодветна поддршка на економијата.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочила дека внимателно се следат факторите коишто придонесуваат за зголемување на цените во домашната економија, а тековната состојба во Украина значително ја зголемиле неизвесноста и променливоста на движењата на меѓународните финансиски пазари. Во однос на поставеноста на монетарната политика, гувернерката посочила дека вниманието на Народната банка е насочено кон одржување соодветен баланс на поставеноста на монетарната политика којшто ќе ја поддржи економијата, со истовремено одржување на ценовната стабилност и стабилноста на домашната валута.

Ван Гелдер нагласила дека на глобално ниво има значителен макроекономски шок којшто ќе има последици за глобалната економија, но ќе влијае и врз македонската економија, поради што треба да се осмислат соодветни политики што ќе ја поддржат економијата.