Инвазија во Украина и енергетска криза во фокусот на Самитот на ЕУ

Лидерите на Европската унија денеска во Франција одржуваат Самит за да најдат начини за итно решавање на влијанието на руската инвазија на Украина врз Унијата.

Францускиот претседател Емануел Макрон, чија земја во моментов претседава со ЕУ, ќе го предводи кризниот самит во палатата Версај.

„Руската агресивна војна претставува тектонска промена во европската историја“, се вели во нацртот на завршната декларација која треба да биде усвоена по дводневната средба, јавува агенцијата Франс прес која имала убив во декларацијата.

Лидерите ќе разговараат за тоа како ЕУ може да ги исполни своите одговорности во оваа нова реалност, штитејќи ги своите граѓани, вредности, демократии и нивниот европски модел.

На Самитот се очекува да се разгледа и молбата на украинскиот лидер Володимир Зеленски, земјата брзо да се приклучи на ЕУ и да избега од канџите на Русија.

Дипломатите велат дека главната тема на самитот е итно да се истражат начини за консолидирање на самодовербата на ЕУ во енергетскиот сектор.

Зголемувањето на цените на енергенсите, предизвикано од инвазијата во Украина, ја загрози економијата на ЕУ, која е веќе ослабена од пандемијата на коронавирус.

ЕУ увезува околу 40 отсто од своите потреби од гас од Русија. Германија која е најголемата европска економија, е особено зависна од протокот на енергија, заедно со Италија и неколку земји од централна Европа.

Околу една четвртина од увозот на нафта во ЕУ доаѓа исто така од Русија.

Зависноста на Европа од руски енергенси ја предизвика првата пукнатина во солидарниот одговор на Западот на руската агресија, при што ЕУ оваа недела не ги следеше одлуките за забрана за увоз на руска нафта, донесени од САД и Велика Британија.

Според конечната декларација што треба да биде усвоена, лидерите на земјите членки на ЕУ претпазливо ќе се согласат потполна да ја укинат зависноста на Унијата од руски гас, нафта и јаглен.