СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ги „мерат“ антикризните мерки

Бензинска пумпа, бензин, горива

Од СДСМ, партијата на власт денеска соопштија дека Владата постојано презема мерки и политики што значат заштита и унапредување на животниот стандард на сите граѓани.

Донесен е нов пакет со 26 економски мерки, во вредност од 400 милиони евра кои ќе обезбедат заштита на животниот стандард на граѓаните и финансиска поддршка за компаниите и одржување на нивната ликвидност, велат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ, партијата во опозиција, велат дека мерките на власта се премалку и задоцнети.

„Дел од таканаречени мерки се само советодавни кон граѓаните, или мерки кои треба месеци за нивно реализирање. На граѓаните не им треба гол популизам, туку видливи и реални мерки кои ќе им помогнат да го пребродат овој кризен период“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Димитар Ковачевски утрово на својот Фејсбук профил потсети дека Владата донесе 26 мерки, во вредност од 400 милиони евра за помош на граѓаните и компаниите.

„Сакам јасно да порачам, сите функционери, сите оние кои работат и се платени од граѓаните максимално одговорно да ги трошат државните пари. Истовремено, сакам да им порачам на граѓаните и на компаниите дека секој има одговорност за рационално користење на енергетските ресурси во време на голема енергетска криза. Ова ќе биде тешка економска година, но силно верувам дека заедно ќе ја пребродиме, напиша Ковачевски на Фејсбук.

Премиерот вчера на прес конференција ги промовираше мерките со кои треба да им се помогне на граѓаните и на компаниите да се преброди актуелната економска криза предизвикана од нападот на Украина.