Потпретседателката на САД Камала Харис синоќа пристигна во Варшава. Освен Полска, предвидено е Харис да ја посети и Романија. За време на посетите на двете земји американската потпретседателка со своите домаќини ќе разговара за руската инвазија на Украина и влијанието што војната го има врз регионот.
Посетата на Харис на Варшава доаѓа во време на неочекувани дипломатски турбуленции поради борбените авиони.
Полската влада на 8 март соопшти план според кој сака своите авиони од руско производство да ги пренесе во американската воена база во Германија. Полска очекува потоа авионите да им бидат предадени на украинските пилоти кои се обидуваат да ги одвратат руските сили. Според планот, за возврат, Соединетите Американски Држави ќе и достават на Полска авиони од американско производство со „соодветни способности“.
САД ја отфрлија понудата на Полска за отстапување на руските авиони
Но, Полска таа идеја не ја соопшти првин пред администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, пред да излезе со неа во јавноста.
Пентагон набрзо ја отфрли идејата како неодржлива. Воени авиони кои летаат од американска или од бази на НАТО во воздушниот простор оспоруван со Русија ќе го зголемат ризикот од проширување на војната надвор од Украина, велат од Пентагон.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки на 9 март истакна дека поддршката на Полска за Украина е одбранбена и дека секоја одлука дали Полска ќе и ги стави на располагање на Украина авионите МиГ-29 ќе зависи од САД и од НАТО, и тоа само ако сите нации се согласат.
Харис со своите домаќини во Полска ќе разговара и за темата за авионите што Полска и ги нуди на Украина, јавува Асошиејтед прес, цитирајќи висок функционер.
Американската потпретседателката денеска ќе се сретне со полскиот претседател Анджеј Дуда и со премиерот Матеуш Моравјецки. Таа ќе има средби и со Украинци кои побегнаа во Полска.
Харис утре ќе замине за Букурешт, на средба со романскиот претседател Клаус Јоханис.
Се очекува за време на состаноците потпретседателката на САД да ја нагласи американската посветеноста на НАТО и потребата од континуирана хуманитарна и воена помош за Украина.