Велика Британија има намера да и достави на Украина противвоздушни ракети за да и помогне на нејзината одбрана од руската инвазија, изјави денеска министерот за одбрана Бен Валас.
„Од витално значење е Украина да ја задржи својата способност за летање и да го потисне рускиот воздушен напад“, рече Валас пред парламентот.
Тој појасни дека како одговор на украинските барања владата донела одлука да ја разгледа можноста за донација на „STARSstreak“ противвоздушни ракети. Рече дека одлуката била донесена начелно за снабдување со оружје, а владата работи на тоа како да го внесе овој систем во Украина и да ги обучи украинските сили да го користат.
„Веруваме дека овој систем ќе остане во рамките на дефиницијата за одбранбено оружје, но ќе им овозможи на украинските сили подобро да го бранат своето небо“, рече Валас.
Доколку биде потврдено, снабдувањето ќе означи значаен чекор во поддршката на Велика Британија за Украина. Меѓутоа, поддршката на Велика Британија е ограничена на одбранбено вооружување.
Исто така, канадскиот премиер Џастин Трудо на заедничката денешна прес-конференција во Берлин со германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека неговата земја ќе продолжи да испраќа воена опрема и одбранбено оружје во Украина.
Повеќе земји од НАТО, заедно со другите западни сојузници, доставуваат само одбранбено оружје за Киев поради заканите од Москва дека тие што донираат заземаат директна страна во конфликтот и на тој начин ќе бидат отворени за одмазда.
На 24 февруари Русија изврши воена инвазија во Украина. Во изминатите две недели над 400 цивили беа убиени меѓу кои и триесетина деца.