Кремљ соопшти дека Соединетите Држави и објавиле економска војна на Русија и дека Москва сериозно ќе ги разгледа следните чекори откако американскиот претседател Џозеф Бајден го забрани увозот на руска нафта и други извори на енергија.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Русија отсекогаш била е и ќе биде сигурен снабдувач на енергија, нагласувајќи дека испораките продолжуваат во таа смисла. Тој рече дека Соединетите Држави дефинитивно и објавиле економска војна на Русија и дека Вашингтон ја води таа војна.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера соопшти дека го забранил увозот на руска нафта и други енергетски извори, што е значаен чекор во зголемувањето на меѓународниот притисок врз претседателот Владимир Путин да го запре неговиот разорен напад врз Украина.
„Го забрануваме секој увоз на руска нафта и гас. Ова значи дека руската нафта повеќе нема да биде прифатлива во американските пристаништа и дека американскиот народ ќе и нанесе уште еден силен удар на воената машина на Путин“, додаде тој.
САД не се водечки купувач на руска нафта, но Бајден соработува со сојузниците во Европа, кои се многу повеќе зависни од руската нафта, за да ги изолира руската енергетска економија и Путин, пишува Ројтерс. Британија непосредно пред изјавата на Бајден објави дека постепено ќе престане да увезува руска нафта и нафтени деривати до крајот на 2022 година.
Одлуката уследи по барањата на украинскиот претседател Володимир Зеленски до американските и западните официјални лица да го прекинат увозот, што не беше направено со масовните санкции наметнати на Русија. Природниот гас од Русија сочинува една третина од потрошувачката на фосилни горива во Европа. САД не увезуваат руски природен гас.