Снабдувањето со електрична енергија на нуклеарната централа Чернобил и нејзината безбедносна опрема беше целосно прекинато поради руските воени дејства, објави денеска украинскиот оператор Укренерго.
Нуклеарната централа Чернобил, каде што во 1986 година се случи најголемата цивилна нуклеарна катастрофа, беше целосно исклучена од електричната мрежа поради воените дејствија на руските окупатори.
Како што се додава, бидејќи офанзивата е во тек, нема можност за повторно воспоставување на линиите.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба денеска изјави дека Русија мора итно да го почитува привремениот прекин на огнот за да дозволи поправка на далноводот до нуклеарната централа Чернобил. Тој додаде дека радијацијата може да истече ако прекинот на струја продолжи.
„Резервните дизел-генератори имаат капацитет од 48 часа за напојување на нуклеарната централа во Чернобил. После тоа, системите за ладење на складиштето на потрошеното нуклеарно гориво ќе бидат стопирани, што ќе го направи истекувањето на радијацијата неизбежно“, напиша тој на Твитер.
Централата во Чернобил, која се наоѓа во посебна зона ги затвори реакторите и објектите за заштита од радиоактивен отпад.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) не реагираше веднаш на ова соопштение. Претходно денеска агенцијата објави дека е прекинат преносот на податоците за растојанието на контролните системи на централата. Тоа се камерите и другите средства што таа ги постави како дел од мисијата за мирнодопско набљудување на нуклеарните програми во светот.
Повеќе од 200 техничари и чувари се блокирани во централата, а работат 13 дена по ред под руски надзор.