Доколку не се прогласи зона за забранети летови над Украина, меѓународната заедница ќе биде одговорна за масовна хуманитарна катастрофа, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој во денешното телевизиско обраќање рече дека Русија ја засилила инвазијата што ја започна пред 14 дена и дека светот не може да стои на страна.
„Русија користи проектили, авиони и хеликоптери против нас, против цивилите, против нашите градови, против нашата инфраструктура. Хуманитарната должност на светот е да одговори“, рече тој.
НАТО го отфрли ваквото барање поради стравувањата дека директна конфронтација со Русија може да предизвика поширока војна.
Зеленски, исто така, ги повика западните сили итно да одговорат на полската понуда за снабдување на неговата земја со борбени авиони МиГ-29 од руско производство, тип на воен авион со кој украинските пилоти знаат како да летаат.
Вашингтон го отфрли предлогот од Полска за испраќање на својата флота борбени авиони МиГ-29 од советската ера во Украина преку американската воздухопловна база во Рамштајн, Германија.
„Па, кога ќе биде донесена одлуката? Слушајте: имаме војна! Немаме време за сите овие сигнали. Ова не е пинг-понг! Станува збор за човечки животи! Уште еднаш бараме: решете побрзо. Не ја префрлајте одговорноста, пратете ни авиони!“, побара Зеленски.
Запрашан за тоа како Москва ќе гледа на полската понуда, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека тоа ќе создаде „потенцијално опасно и непожелно сценарио“.
Руската инвазија врз Украина започна на 24 февруари, а досега над 2 милиони бегалци ја напуштиле земјата.